Европските фондови се отворени за членките што сакаат да ги задржуваат мигрантите на бродовите под посебни правни услови
Минатата недела еден официјален претставник на Брисел излезе со официјално соопштение, откако малтешките медиуми пренесоа дека Владата во Валета има намера да потроши преку еден милион евра за да го спречи влезот на мигранти и бегалци од големиот патнички брод што пловел под кипарско знаме. Коментарите на комисијата се сметаа за официјално соопштение што не е поврзано со деталите од одлуката на Малта, истакнувајќи дека во овој случај лицата морале да имаат пристап до азилантските процедури за да бидат во можност да ги користат европските фондови.
Портпаролот на комисијата во електронска порака пренесе дека „случајот е поврзан со местото каде што се одвива активноста, односно европскиот закон за азил не важи во меѓународни води“. Комисијата понатаму истакнува дека парите можат да се користат само за финансирање за храна, медицинска помош и екипаж на бродот.
Малтешката влада не одговори на пишувањето дали ќе ги врати европските средства за да плати за месечниот план од еден милион евра. Но минатата недела, независниот малтешки медиум „Шифт њуз“ пренесе дека Владата се обидувала да го финансира проектот од буџетот на ЕУ.
Критични точки во морето
Слични идеи првпат во 2016 година изнесе италијанската влада за да се создадат таканаречени критични точки во морето каде што би се вршел скрининг на мигрантите, меѓутоа не добија поддршка. Рим тогаш предложи здравствени, безбедносни и идентитетски проверки на бродовите пред спасените да влезат на копно за понатамошна процена за добивање азил. Но судската практика во Европскиот суд за човекови права во Стразбур ги усложни предлозите со оглед на пошироките прашања за притвор и човекови права.
Не е целосно јасно дали малтешката влада има намера да го изврши скринингот или да им понуди на притворените на бродот пристап до процедурите за азил. Малта и Италија на почетокот од оваа година соопштија дека нивните пристаништа не се безбедни за време на пандемијата. Но шемата укажува на поголем проблем за тоа како да се категоризираат лицата првично спасени на море меѓу членките на ЕУ. Во изминатиот период, околу 350 лица беа заглавени на спасувачкиот брод „Си воч 4“ додека не добија дозвола да влезат на пристаништето во Палермо.
Над 2.000 раселени
Слични инциденти се случуваа повремено уште од средината на 2018 година. Од Европската комисија често се бара да помогне во координирањето на последователните релокации. Комисијата вели дека над 2.000 лица што биле спасени на море биле пренесени од Малта и од Италија во другите членки на ЕУ и во Норвешка во периодот од 27 јуни 2018 и 3 август 2020 година. Од нив, околу 1.090 биле пренесени од Малта, а 967 мигранти од Италија. Дополнителни 849 лица треба да бидат преселени од двете држави. Околу 1.251 лице беа пренесени во други држави по пристигнувањето на европска почва во 2019 година, а 68 лица беа пренесени оваа година при влез во ЕУ. Од комисијата порачаа дека „барателите на азил биле пренесени во Германија, Шпанија, Финска, Франција, Ирска, Литванија, Луксембург, Португалија и Романија“.