Британската премиерка, Тереза Меј, ќе поднесе оставка ако на почетокот на јуни пратениците во Долниот дом на Парламентот по четврти пат го одбијат договорот за брегзит кој таа го постигна со Брисел.
Би-би-си пренесува дека Меј го ветила ова на состанок со пратениците Ториевци кои побарале од неа да им каже кога ќе се повлече од функцијата.
-Ако во првата недела на јуни, уште еднаш изгуби на гласањето, премиерката ќе поднесе оставка- изјавил владин извор за Би-би-си.
Меј на крајот на минатата година преживеа гласање за доверба. До декември оваа година ниту една партија не може да побара ново гласање.
Меѓутоа Меј на состанокот рекла дека тоа нема да биде потребно и дека сама ќе си замине ако пратениците по четврти пат го одбијат договорот за излез на Велика Британија од ЕУ.
На ваквата одлука влијаеле и катастрофалните резултати на конзервативните партии на локалните избори во Англија на почетокот на овој месец.