На противниците на британската премиерка Тереза Меј од нејзината Конзервативна партија им недостигаат уште шест гласа за да се почне процес за гласање за нејзина доверба во парламентот. Британски „Сан“ наведува дека 42 пратеника од конзервативната партија дале цврсти гаранции дека испратиле писма за недоверба на Меј, а за почнување на постапката се потребни 48 писма.
Дури 25 пратеници јавно кажале дека испратиле писмо, додека другите 17 приватно потврдиле дека му пишале на Грејем Брејдим, претседателот на ториевскиот комитет, кој ја води листата со имиња на оние што испратиле писма.
Британската премиерка изјави дека нејзината смена нема да ги олесни преговорите за брегзит и оти не размислува да поднесе оставка.
– Промената на лидерите во овој момент нема да ги олесни преговорите, ниту ќе ја промени сметката во парламентот – истакна Меј во изјавата за телевизијата Скај њуз.
Веста дека со ЕУ е постигнат нацрт-договор за брегзит предизвика политичка криза во Британија, бидејќи договорот остро го критикуваа и опозицијата и владејачките конзервативци. Неколку министри од кабинетот на Меј поднесоа оставка, а над 20 пратеници испратија и официјално барање за гласање доверба на Меј на функцијата партиски лидер, а со самото тоа и за премиерската функција.
Повеќето од конзервативците што го поддржуваат излегувањето на Британија од ЕУ, бараат јасно раскинување на односите со Брисел и тврдат дека блиските трговски врски, предвидени со нацрт-договорот, ќе ја претворат земјата во вазална држава. Според нацрт-договорот, Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март наредната година, но ќе остане дел од единствениот пазар до 2020 година. Земјата исто така би останала и во царинска унија со ЕУ, за да се избегне поставување контролни пунктови на ирската граница.