Британската премиерка Тереза Меј изјави дека е невозможно да се организира втор референдум за брегзит пред датумот за напуштање на ЕУ – 29 март следната година.
– На прашањето за втор референдум, сметам дека е важно да почитуваме волјата на британскиот народ, изјави таа пред британскиот Парламент во одговор на прашање од пратеник.
– Но, јас би замолила да се има предвид и тоа дека не би било можно да се организира референдум пред 29 март следната година. Тоа би значело продолжување на чл. 50, одложување на брегзит или напуштање на Унијата без договор, појасни Меј.
Британскиот министер за животна средина Мајкл Гоув формално го поддржа договорот кој го постигна Меј со Брисел. Во одговор на прашањето дали би поддржал пратениците кои сакаат Британија да го преземе норвешкиот модел, Гоув истакна пред парламентарна комисија дека според него веќе постигнатите договори се најдобрата опција за земјата.