Британската премиерка Тереза Меј денеска најави дека ќе размисли за продолжување за „неколку месеци“ на т.н. преоден период по напуштањето на Велика Британија на Европската унија, потег што нејзините критичари го сметаат за „предавство на Брегзитот“.
Помалку од шест месеци пред Велика Британија да ја напушти ЕУ, што е најголемата промена во политиката во текот на последните 40 години, преговорите за Брегзит беа прекинати поради спорот околу копнената граница меѓу британската провинција Северна Ирска и Република Ирска.
На Самитот на ЕУ, што се одржува во Брисел, неколку лидери на членките на Унијата и дипломати оценија дека Меј не предложила ништо ново за да предизвика напредок во преговaрачкиот процес.
Преблемот во преговорите е околу т.н. реверзибилна блокада, како мерка што ќе претставува гаранција дека нема да има враќање на граничната контрола меѓу Северна Ирска и Република Ирска, доколку ЕУ и Велика Британија не склучат трговски договор во предвиденито рок. Продолжувањето на преодниот период може да значи дека ако идното трговско партнерство не биде договорено, таа блокада, која досега беше сосема неприфатлива за британската страна, не ќе може да се активира.
– Друга идеја, која е само идеја во оваа фаза, е да создадеме можност за продолжување на периодот на прилагодување за неколку месеци и тоа навистина да биде само неколку месеци. Но, малку е веројатно дека тоа ќе се случи, бидејќи ние работиме за да гарантираме дека ќе го постигнеме тоа идно партнерство до крајот на декември 2020 година, изјави Меј на вториот ден од средбата на врвот на ЕУ во Брисел.
Во исто време, претставник на францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз не го исклучува можното продолжување на преодниот период по Брегзит, ако тоа помогне да се унапредат преговорите со Лондон, но какво било продолжување, според него, може да се случи само под одредени услови.
Претставникот на Елисејската палата посочи дека „тоа е една од можностите“.
– Тоа не е ниту цврст предлог на 27-те членки на ЕУ, ниту, пак, тоа е официјално побарано од Велика Британија. Тоа е нешто што ние не треба да го исклучиме. Ако одиме во таа насока, тогаш тоа мора да биде спроведено под определени услови, рече францускиот претставник.