По распадот на Исламска држава (ИД), судбината на илјадници европски граѓани кои биле приклучени во нејзината борба остана нерешена. Се смета за несоодветна, практиката според која националните власти сакаат да ги задржат во странство сите лица кои се приклучиле на ИД, поради политичката и националната безбедност, пренесува „Фајненшл тајмс“.
За предлогот на шведскиот министер за внатрешни работи, Микаел Демберг, за меѓународниот трибунал со седиште во Ирак, вреди да се размисли. Доколку биде добро имплементиран, трибуналот може да понуди начини за докажување на вината на оние кои извршиле криминални дела за ИД.
Пред само пет години, територија голема речиси колку Велика Британија беше окупирана од ИД. Терористичката група сѐ уште може да инспирира и координира застрашувачки напади. Но во моментов, групата е отстранета од нејзините урбани седишта на териториите на Ирак и Сирија.
Според истражување спроведено од страна на Европскиот парламент во 2016 година, помеѓу 3.900 и 4.300 европски државјани се приклучиле на ИД.
Откако американскиот претседател, Доналд Трамп, во февруари повика на непосредно враќање во татковината на европските борци, француската влада му одговори дека работи на „случај по случај“.
Ви Велика Британија, пак, министерот за внатрешни работи, Сајид Џавид, го отповика британскиот пасош на деветнаесетгодишната Шамима Бегум, која се приклучила на ИД и чие новороденче починало во камп во Сирија.
На територијата н Европа, Косово го прифатило враќањето на 110 граѓани. Четворица од осомничени борци биле уапсени веднаш по нивното пристигнување. Најголемиот дел од повратниците биле жени и деца.
Курдската група која ги држи членовите на терористичката група предупреди за нивниот недостаток на ресурси за да се испрашаат затворениците.
На меѓународниот трибунал ќе му биде потребно одредено време и финансиски средства за да започне со работа. Шведската единица за воени злосторства веќе покренува обвиненија, бидејќи такви проактивни пристапи се неопходни додека судот не почне да заседава.
Исто така постои загриженост дека доколку седиштето на трибуналот се наоѓа во Ирак, тоа ќе биде во полза на европските влади кои ќе се обидат да ја избегнат јавната реакција во врска со нивното испрашување на осомничените во татковината.
Исто така најмалку 45.000 од децата кои биле родени за време на владеењето на ИД и пораснале според нивните правила, немаат никакви документи за нивното постоење. Со оглед на тоа дека властите на Ирак не сакаат да им издадат документи, тие се маргинализирани и стигматизирани, а тоа ги прави совршени кандидати за следната генерација на радикали.
Демберг се изјаснил дека иако ќе бидат потребни години да се приспособи работата на трибуналот, но сепак, крајниот резултат ќе биде разрешување на бројни воени злосторства. Жртвите на ИД заслужуваат правда и меѓународниот трибунал би можел да им ја додели.