Заглавувањето на товарниот брод „Евергрин“ во Суецкиот Канал, може да спречи најмалку 150 бродови да поминат денеска низ овој клучен морски премин додека се работи на отстранување на пречката, соопштија египетските власти.
Грубите пресметки покажуваат дека дневно доаѓа до застој на бродски сообраќај во вредност од 9,6 милијарди долари (сообраќајот кон запад вреди околу 5,1 милијарди, а кон истокот отприлика 4,5 милијарди). Проценките за бројот на заглавени бродови варираат, од 150 до 185 дневно. Метежот опфаќа и околу 13 милиони барели на сурова нафта на 10 танкери.
Бродот кој плови под знамето на Панама и пренесува товар помеѓу Азија и Европа, се заглави завчера поради силниот ветер во тесниот вештачки премин што ги дели континентална Африка и Синајскиот Полуостров.
Утрово продолжија работите за поместување на бродот. Екипите се обидуваат да ги отстранат седиментите околу бродот и со помош на плимата да го повлечат со помош на влечење, но не е познато колку време ќе биде потребно за да се реши блокадата.
Еден службеник рече дека сите се надеваат дека нема да мора да истоваруваат контејнери од бродот, бидејќи тоа би било целодневна работа. Операторот на бродот, БСС, изјави дека сите 25 членови на екипажот се добро и безбедни.