Тајно направени снимки на кои се гледа како тешко болни крави се криумчарат во една полска кланица и се продаваат со мала или никаква ветеринарна инспекција предизвикаа паника во врска со стандардите во државата која е еден од најголемиоте извозници на месо во Европската унија(ЕУ).
На тајните снимки направени во кланицата во централниот полски регион Мазовија се гледаат тешко болни крави кои практично ги изнесуваат од камионот и ги влечат до кланицата.
Колењето на болните крави, според снимката, се случува навечер без надгледување на ветеринар, што претставува драстично кршење на стандардите, наведува британски „Гардијан“. На снимката уште се гледа како вработените во кланицата ги отстрануваат сите докази кои укажуваат на тоа дека кравите биле болни. Експертите што ја погледнале снимката изјавиле дека тоа ја отвора можноста за зголемен ризик по здравјето на луѓето и ја повикаа полската влада веднаш да делува и да ги информира сите останати европски држави.
Крис Елиот, професор по безбедност на храната на Универзитетот во Белфаст и основач на Институтот за глобална безбедност на храната, кој ја предводеше независната владина истрага по скандалот со коњско месо во 2013 година во Велика Британија, за „Гардијан“ рече дека доколку има доказ дека сето ова месо или дел од него ја напуштило Полска, тогаш постои потенцијал за активирање на европската безбедносна тревога, а би морало да бидат вклучени многу регулаторни агенции, а веројатно и полициски сили ширум Европа.
Според официјалните податоци, Полска во 2017 година извезла јунешко месо во вредност од 1,5 милијарди долари.
Новинарите на „Супервизјер“, полска истражувачка телевизиска програма, се инфилтрирале во полската кланица кон крајот на минатата година. Новинарот Патрик Шчепаниак во кланицата тајно работел речиси три недели. Тој рекол дека вработените месото, наместо да го дадат на ветеринарна проверка, едноставно го обележувале како безбедно за јадење.
– Надредените ќе ми наредеа да го обележам месото како здраво и да го разубавам. Верувајте, беше ужасно. Од миризбата на расипано месо ви се повраќа. Моја задача беше да го разубавам, тако што со нож ги отсекував расипаните делови – рече Шчепаниак за „Гардијан“.
За време на три ноќни дежурства во кланицата, новинарот избројал вкупно 28 крави толку болни што не можеле да стојат. Ветеринарот ќе се појавел следното утро и ќе ги потпишел сертификатите, без претходно да го прегледа месото.
Кога месото еднаш ќе добие сертификат дека е безбедно за човечка козумација, тоа не се проверува пред да биде испратено до снабдувачите или потрошувачите, вклучувајќи ги и оние во другите држави. Околу 80 отсто од јунешкото месо што се произведува во Полска е наменето за извоз.
Ова не е првата полска кланица што е обвинета за обработка на месо од заболени крави. Во декември, сопственикот на кланица во централна Полска беше осуден на затворска казна бидејќи ја правел истата работа. Обвинителите спроведуваат истрага за уште една кланица на истокот на Полска, потсетува „Гардијан“.