Германската канцеларка Ангела Меркел планира да го разреши директорот на федералната безбедносна служба БФВ, Ханс Георг Мазен, поради неговите наводни врски и симпатии со националистичките групи во Германија, јавуваат германските медиуми.
Мазен беше обвинет од страна на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која е помал коалициски партнер во Владата на Меркел, дека давал разузнавачки материјали на припадници на националистичката партија Алетрантива за Германија (АФД). Мазен наводно ја советувал АФД како да избегне нејзините активности да бидат истражувани од страна на БФВ.
Обвинувањата доаѓаат во време кога Германија е потресена од неколку убиства кои покренаа меѓуетнички тензии, особено во источниот град Кемниц, каде двајца мигранти убија Германец што предизвика масовни протести. Мазен беше критикуван и поради неговата изјава дека на видео снимките од протестите во Кемниц нема докази за организирано напаѓање на мигранти.
Баварската конзервативна Христијанско социјалната унија (ЦСУ), која исто така е дел од Владата на Меркел, и чиј поранешен лидер Хорст Зехофер е министер за внатрешни работи на Германија, го поддржува Мазен.