Германската канцеларка, Ангела Меркел, зборуваше за кризите за време на нејзиниот мандат и уште еднаш ги повика граѓаните да се вакцинираат.
„Пандемијата можеме само заедно да ја надминеме. Секој вакциниран граѓанин е еден чекор кон нормалноста“, рече канцеларката на својата редовна летна прес-конференција, која, со оглед на тоа што Ангела Меркел повеќе не учествува на изборите во септември, веројатно е нејзината последна голема прес-конференција на оваа позиција.
Меркел укажа на зголемената инциденца во последните денови и потребата да се спречи колапсот на здравствениот систем.
Таа ја идентификува корона-кризата како една од петте најголеми кризи во нејзиниот мандат. Покрај тоа, Меркел се соочи со финансиска криза, криза за преживување на еврото, бегалска криза и климатска криза по избророт за канцелар во 2015 година.
Кога станува збор за борба против климатските промени, германската канцеларка рече дека верува оти е направено премалку за нејзиниот мандат.
– Мислам дека вложив многу енергија во заштитата на климата, но сега гледам дека брзината мора да се зголеми. Не можеме да ги решаваме проблемите на национално ниво, туку само како светска заедница и ова е особено очигледно кога станува збор за борбата против климатските промени – рече Меркел.
Во врска со бегалската криза, Меркел изрази жалење што сè уште нема унифицирана политика во рамките на Европската Унија кога станува збор за признавање на статусот на азил и бегалец.
– Досега не успеавме да воспоставиме легална миграција и истовремено да воспоставиме правила за регулиран прием на бегалци со цел да спречиме трговија со луѓе – рече Меркел.
На прашањето што би направила по повлекувањето од политиката наесен, Меркел рече дека нема конкретни планови.
– Во моментот немам многу време да размислувам што ќе правам кога повеќе нема бидам канцеларка – заклучи Ангела Меркел.