Германската канцеларка Ангела Меркел вчера ја прими Фулбрајтовата награда за меѓународно разбирање, при што ја истакна потребата од меѓународна соработка во борбата против порастот на национализмот и популизмот.
Како пример ја наведе улогата на САД по Втората светска војна во давањето помош за воспоставување слободна и демократска Германија и западна Европа.
Канцеларката предупреди дека популизмот и национализмот во светот се во пораст и оти треба одлучно да се спротивстави на таквиот начин на размислување.
– Мораме да се потсетиме зошто, пред се, беа основани Обединетите Нации, како и НАТО, Светската трговска организација и другите меѓународни институции – поради поуките кои ги извлековме од ужасите на Втората светска војна и претераниот национализам, истакна таа.
Меркел ја прими наградата од Фулбрајтовата асоцијација со седиште во Вашингтон на церемонија во Берлин, што беше прво доделување на оваа награда вон САД. Фулбрајтовата асоцијација соопшти дека на Ангела Меркел и е доделена наградата поради исклучителното лидерство и силната посветеност на меѓусебното разбирање, меѓународната сорабока и мирот.