Европската унија сака да избегне ескалација на спорот околу нуклеарната програма на Иран, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.
Таа рече дека Техеран мора да разбере оти е во интерес на Иран да продолжи да го почитува Договорот за нуклеарна програма.
Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф пак, изјави дека ЕУ треба да продолжи да ги исполнува обврските од Спогодбата.
-Наместо да бара Иран еднострано да се придржува кон мултилатералниот договор, ЕУ треба да ги исполни своите обврски, вклучувајќи ја и нормализацијата на економските односи- напиша Зариф на Твитер.
Членовите на ЕУ соопштија дека сакаат да го одржат договорот, одбивајќи ги “ултиматумите” на Иран, откако иранскиот претседател Хасан Рохани вчера објави дека Иран ги намалува ограничувањата на нуклеарната програма и се закани со процедури кои би можеле да претставуваат прекршување на договорот.
Лидерите на ЕУ се состанаа денеска во Романија за да разговараат за иднината на Унијата, пренесе РСЕ.