Москва – Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот за уставни реформи, кој ќе му овозможи да остане на власт следните 16 години. Граѓаните ќе гласаат за уставните амандмани на референдум на 22 април. Пред гласањето, амандманите ќе ги разгледа рускиот уставен суд. Рускиот парламент претходно ја одобри големата уставна реформа. Според сегашниот закон, Путин нема да може да се кандидира за претседател во 2024 година поради ограничување на мандатот.
Кабул – Авганистанската влада го одложи ослободувањето на 1.500 талибански затвореници, пренесува „Асошиејтед прес“. Портпаролот на кабинетот на советникот за внатрешна безбедност во Авганистан, Јавед Фајсал, рече дека ослободувањето е одложено бидејќи е потребно повеќе време за да се разгледа списокот на затвореници. Ова е во согласност со договорот потпишан меѓу талибанците и САД, во кој меѓу другото се предвидува и ослободување на 5.000 талибанци и 1.000 авганистански воени затвореници.
Дамаск – Најмалку 384.000 луѓе, од кои 116.000 биле цивили, се убиени во Сирија од почетокот на конфликтот во март 2011 година, објави опозициската Сириска опсерваторија за човекови права. Опсерваторијата, која се потпира на голема мрежа на воени и медицински извори низ Сирија, соопшти дека од 116.000 цивилни жртви околу 22.000 биле деца, а 13.000 биле жени. Како што јавува „Ројтерс“, најмалку 129.476 припадници на сириската армија ги загубиле своите животи за време на војната, додавајќи дека од страната на Исламската држава и Ал каеда загинале 67.296 борци.
Тел Авив – Судскиот процес против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е одложен најмалку за два месеца, до мај, поради епидемијата на коронавирусот. Израелското министерство за правда соопшти дека судењето требало да почне на 17 март со читање на обвинението против Нетанјаху, но сега е одложено за 24 мај, пренесува „Ројтерс“.