Тел Авив – Партијата Ликуд на актуелниот премиер на Израел, Бенјамин Нетанјаху, освоила најголема поддршка на одржаните трети парламентарни избори во земјата за 12 месеци, според најновите неофицијални резултати. Сепак, податоците од анкетите покажуваат дека на Нетанјаху и неговите сојузници им недостигаат едно-две места за да обезбедат мнозинство во израелскиот парламент, што најавува нова политичка блокада. Израелските медиуми објавија дека тој веќе разговарал со сите десничарски партии во обид да формира силна национална влада.
Берлин – Над 700 полицајци извршиле претрес на 30 дома и компании во Германија, во рамките на акција против трговија со луѓе од Виетнам. Акцијата се фокусирала на 13 осомничени Виетнамци, кои се обвинети дека нелегално прошверцувале над 155 сограѓани во Германија.
Вашингтон – Поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден доби поддршка од три довчерашни противкандидати во трката за номинација на претендент за Белата куќа на Демократската партија пред почетокот на супервторникот. Ејми Клобучар, Пит Бутиџеџ и Бето О`Рурк се откажаа од трката и се приклучија кон кампањата на Бајден во Тексас. Во супервторникот, дури 14 американски сојузни држави го избираат својот демократски кандидат за претседателските избори во ноември. Во пресрет на супервторникот, демократската трка ја предводеше левичарскиот сенатор Берни Сандерс. Во моментот, Бајден и Сандерс се најсериозни демократски кандидати за изборната трка за Белата куќа против актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Хавана – Канадски и кубански научници утврдуваат дали инсектициди се причина за мистериозните симптоми што ги имаа американски и канадски дипломати во Хавана во периодот меѓу 2016 и 2018 година. Тие истражуваат дали станува збор за труење, а не за „акустични напади“, како што се тврдеше претходно. Педесетина дипломати и членови на нивните семејства страдаа од мигрени, зуење во ушите, проблеми со рамнотежата и вртоглавици. Властите во Вашингтон и во Отава никогаш не потврдија дали се работи за „акустични напади“, како што првично објавија американските медиуми.