Варшава – ЕУ не е во состојба да ја брани Европа и затоа е тука НАТО, порача генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Тој го изјави ова по повод понудата на Франција до Полска да учествува во францускиот антинуклеарен чадор за јакнење на европската одбрана. Столтенберг во интервју за полските медиуми рече дека ЕУ е добредојдена да ја поддржи одбраната, но дека таа не може да биде алтернатива на НАТО или да им конкурира или да ги удвојува неговите активности.
Техеран – Канада и други земји, чии државјани настрадаа при соборувањето на украинскиот патнички авион во Техеран, бараат од иранските власти да ја предадат црната кутија на трета независна страна заради анализа. Иран сугерираше специјалната опрема да биде испратена во Техеран за да им помогне на властите да ги испитаат содржините од црната кутија, но западни експерти тврдат дека е невозможно толкава опрема да се испрати во Иран.
Сана – Најмалку 31 цивил е убиен во Јемен во одмазднички воздушни напади на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, откако Хутите поддржани од Иран во петокот објавија дека собориле еден саудиски воен авион, објави канцеларијата на ОН за хуманитарни операции во Јемен.
Лондон – Четири асоцијации на британските фоторепортери ја обвинија владата на Борис Џонсон дека им го ограничила пристапот на нивните членови на разни настани. Ова е само најнова епизода од обвинувањата на британските медиуми дека Владата на Џонсон сака да го имитира Доналд Трамп во нападите кон медиумите и ограничувањето на медиумските слободи што овозможуваат непречена анализа на владините потези.
Багдад – Повеќе експлозии одекнаа вчера во близината на американската амбасада во ирачкиот главен град. Во експлозиите немало жртви и е причинета само мала материјална штета, соопшти армијата на САД. Американски медиуми објавија дека ова е 19-ти напад против амбасадата на САД или против 5.200-те американски војници стационирани во Ирак од октомври 2019 година.