Багдад – САД почнуваат да се повлекуваат од 15 бази во Ирак, објави Скај њуз Арабија, додека ирачкиот пратеник Бадр ал Зијади за Блумберг изјави дека Франција, Германија и Австралија исто така сакаат да ги повлечат своите сили од Ирак. Од друга страна, израелскиот новинар Амичаи Стајн тврди дека американски извори ја демантирале веста за повлекување на САД од Ирак. Парламентот на Ирак неодамна гласаше за повлекување на силите на САД од земјата, но Вашингтон одби да го стори тоа.
Ерусалим – ОН објавија листа од 112 компании поврзани со израелските населби во окупираниот Западен брег, кои САД неодамна ги признаа, а кои повеќето земји во светот ги сметаат за нелегални. На списокот се наведени компании како „Ер-би-ен-би“, „Букинг“ и „Моторола“, кои соработувале со 114-те населби во кои живеат над 600.000 Евреи. За Палестинците објавувањето на списокот е „победа на меѓународното право“, а за Израелците е „срамно“.
Вашингтон – Американските власти поведоа истрага против универзитетите „Харвард“ и „Јејл“ поради сомневања дека примиле огромни суми од странски земји, меѓу кои и Катар, ОАЕ, Саудиска Арабија и Кина. Властите велат дека елитните универзитети не обелодениле подароци и договори вредни стотици милиони долари. Според законите, универзитетите мора да ги пријават сите подароци или договори од странски извори што надминуваат 250.000 долари.
Њујорк – Инцидентите со бела расистичка пропаганда лани се зголемиле за 120 отсто во САД, објави еврејската невладина организација „Антидефамациска лига“ (АДЛ). Организацијата лани документирала 2.713 инциденти, или во просек по седум инциденти дневно. Според неа, групата Патриотски фронт од Тексас е одговорна за две третини од пропагандата. ФБИ неодамна призна дека расистичките екстремисти се приоритет за националната безбедност на САД и претставуваат исто толкава закана колку и терористичките групи како Исламска држава.