Вашингтон – САД ја запреа тајната програма за спроведување разузнавачки операции со помош на беспилотни летала, а во која учествуваше и Турција. Одлуката била донесена поради неодамнешната турска воена операција против американските сојузници во Сирија – Сириските демократски сили. Летовите на американските разузнавачки дронови во рамките на оваа програма, која почна во 2007 година, беа насочени кон планинските области во северен Ирак, непосредно по должината на турската граница, каде што се наоѓа најголем дел од силите на Работничката партија на Курдистан.
Пекинг – Кина планира да ги преполови царините за над 1.700 производи увезени од САД, додека земјата се соочува со негативни економски последици од епидемијата на коронавирусот. Кинески претставници изјавија дека царините за некои производи ќе бидат намалени од десет на пет отсто, а за други од пет на 2,5 проценти. Двете земји веќе подолг период водат трговска војна, проследена со воведување царини за увезените производи. Делумно решение на спорот беше договорено минатиот месец, кога Кина вети дека ќе го зголеми увозот на американски производи, во вредност од 200 милијарди долари.
Берлин – Илјадници лица излегоа на улиците на Берлин, Минхен и други големи германски градови во средата на протести против изборот на покраински премиер со помош на гласовите од радикалната десничарска Алтернатива за Германија (АфД). Кемерих во гласањето го победи досегашниот премиер благодарение на гласовите на неговата Либерална партија, на демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел, како и на АфД. Сепак, тој вчера порача дека ќе се повлече од функцијата, за да овозможи нови избори.
Стокхолм – Шведската полиција соопшти дека биле украдени две воени возила тешки речиси седум тони од воен магацин северозападно од Стокхолм. Во возилата високи 2,8 метри и долги 5,32 метри немало оружје, муниција или експлозиви. Се верува дека кражбата на возила од базата Енкопинг, на 70 километри од шведската престолнина се случила ноќта помеѓу вторникот и средата. Од шведската полиција само накратко соопштија дека во тек е голема полициска истрага во врска со кражбата.