Анкара – Забраната за „Википедија“ на Турција вчера требаше да биде укината, по пресудата на Уставниот суд според која блокирањето на енциклопедијата на интернет во земјата повеќе од две години е повреда на слободата на изразување. Пристапот до страниците на „Википедија“ треба да се одобри откако пресудата, донесена со десет спрема шест гласа на уставните судии, ќе биде официјално проследувана до агенцијата за телекомуникациски надзор. Укинувањето на забраната во Уставниот суд го побара фондацијата „Википедија“, непрофитна организација што ги одржува страниците на интернет-енциклопедијата.
Техеран – Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Иран во моментов збогатува ураниум во поголемo количество отколку пред склучувањето на нуклеарниот договор во 2015 година. Иднината на договорот за иранската нуклеарна програма беше доведена во прашање по едностраното повлекување на САД на 8 мај 2018 година и воведувањето на американските санкции за Техеран за извозот на нафта. Иран тврди дека сите други учесници во нуклеарната спогодба, пред сè и најзначајно Европејците, не исполниле некои од своите економски обврски, па договорот во сегашната форма нема смисла.
Буенос Аирес – Аргентинската полиција уапси седум лица и заплени 82 килограми кокаин во товарен авион пред полетување од аеродромот во Буенос Аирес за Амстердам. Аргентинските медиуми објавија дека меѓу уапсените се и тројца членови на екипажот, меѓу кои и пилотот на холандската компанија „КЛМ карго“. Меѓу уапсените има и тројца државјани на Холандија. Полицијата истражува дали дрогата била натоварена во авионот во Аргентина или во Бразил, од каде што полетал.
Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција почнува да испраќа војници во Либија како поддршка на меѓународно признаената влада во Триполи. Ердоган додаде дека Турција ќе продолжи да ги користи сите дипломатски и воени средства за да обезбеди стабилност на југот на земјата, вклучувајќи ја и Либија. В недела се очекува турскиот претседател да се состане со лидерите на Германија, Русија, Британија и на Италија, со кои ќе разговара за конфликтот во Либија.