Москва – Најмодерниот руски ловец „су-57“ се урна на Далечниот Исток на Русија, во близината на Комсомољск на Амур. Авионот не ѝ припаѓал на војската, туку на локалната фабрика „Гагарин“, која ги произведува авионите. Инцидентот се случил на 120 километри од аеродромот „Џомги“ при тестирања на моторот. „Су-57“ е руски ловец од петтата генерација, а првиот лет на овој авион е извршен во 2010 година. Руското министерство за одбрана има нарачано 76 од овие ловци.
Рио де Жанеиро – Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро е примен во воената болница во Рио де Жанеиро бидејќи имал незгода дома. Болсонаро си ја повредил главата кога се лизнал во кадата. На снимките направени во болницата не биле забележани промени, но претседателот е задржан на набљудување меѓу 6 и 12 часа. Болсонаро (64) беше нападнат и избоден со нож во септември минатата година за време на изборната кампања и тогаш состојбата му беше критична.
Чикаго – Авиогигантот „Боинг“ го отпушти извршниот директор на компанијата, Денис Миленбург, чекор што, според бордот директори, бил неопходен за да се поврати довербата во фирмата. Миленбург се соочи со повици да поднесе оставка, поради одговорноста на компанијата за двете трагични несреќи, во кои беа вклучени најдобрите модели авиони „737 макс“. Поради тоа, овие модели на „Боинг“ се приземјени од март годинава.
Брисел – Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг порача дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател, Владимир Путин, за да разговара за пречките во односите меѓу Алијансата и Москва. Според Столтенберг, важно е да се седне на преговарачката маса, особено кога работите се тешки. Тој додаде дека Русија е најголемиот сосед на НАТО и оти Алијансата треба да се стреми кон подобар однос со неа.