Њу Делхи – Индија и понатаму се соочува со насилни протести против контроверзниот закон за државјанство, а досега се убиени десетици лица. Протестите почнаа откако на 11 декември националниот парламент го донесе Законот за државјанство, со кој се дозволува со државјанство да се стекнат и граѓаните немуслимани што доаѓаат од трите соседни земји – Авганистан, Бангладеш и Пакистан. Муслиманите предупредуваат дека овој закон е дискриминирачки и дека ќе доведе до нивно маргинализирање во земјата.
Сингапур – Бившиот американски претседател Барак Обама порача дека ако жени ги управуваат сите држави во светот, тогаш ќе има генерално подобрување во животниот стандард и исходите. Според Обама, проблемите во светот вообичаено доаѓаат од стари луѓе, претежно мажи, кои се држат на позиција на моќ.
Берлин – Партијата на зелените во Германија поднесе барање за воведување климатски пасоши, кои би им овозможиле на луѓето што бегаат од последиците на климатските промени да се населат во кој било дел од светот. Од партијата предупредуваат дека поради климатските промени може да исчезнат цели државни територии, а како пример ги наведуваат островските држави на Пацификот. Во анализата на Научниот совет на германската влада се проценува дека до 2050 година, околу 25 милиони до една милијарда луѓе би можеле присилно да ги напуштат своите држави поради последиците од климатските промени.
Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека турскиот парламент може да донесе резолуција за геноцид врз Индијанците за време на американската колонизација како одговор на усвојувањето на резолуцијата на американскиот Сенат за геноцид врз Ерменците за време на Отоманската Империја. Ердоган порача дека станува збор за срамен дел од историјата на САД.