Стразбур – Европскиот парламент го изгласа новиот состав на Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лејен и 26 нови комесари. Новата ЕК ја доби поддршката на 461 европратеник, додека, 157 гласале против. Во пресрет на гласањето, новоизбраната претседателка на Еврокомисијата на парламентарците им ги претстави својот кабинет и програма. Фон дер Лејен порача дека вратите на ЕУ остануваат отворени за земјите од Западен Балкан.
Берлин – Германската полиција годинава запленила над десет тони кокаин, што е за шест пати повеќе од количеството запленето во 2014 година. Во јули годинава, во Хамбург полицијата пронашла скриени 4,5 тони кокаин во товарен брод на пат кон Антверпен, кој пренесувал соја. Германските власти наведуваат дека во земјата има над осум милиони зависници, односно речиси десет отсто од вкупното население. Четири милиони луѓе се зависни од никотин, 1,6 милион од алкохол, 300.000 луѓе од канабис, а според процените околу 166.000 Германци консумираат хероин или кокаин.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека мексиканските наркокартели, обвинети за неодамнешниот масакр врз припадниците на заедницата американски мормони, ќе ги прогласи за терористички организации. На почетокот на ноември три жени и шест деца од заедницата на американски мормони, населени на северот на Мексико, беа убиени во заседа на картелите. Вашингтон побара од Мексико да им објави војна на картелите, а Трамп кажа дека САД се подготвени да обезбедат помош за својот јужен сосед.
Москва – Жители на рускиот град Ижевск разоткриле државјанин на Русија што планирал на странски специјални служби да им предаде информации за тајни воено-вселенски проекти. Федералната служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека откриеното лице имало намера да формира организација на територијата на Русија, чијa примарна цел би била да се собираат информации. Во Ижевск има фабрика што произведува уреди за вселенски ракети, сателити и вселенски станици.