Вашингтон – Палестинците вчера ја осудија одлуката на САД да ја напуштат својата четиридецениска позиција дека еврејските доселенички населби во окупираниот Западен брег се спротивни на меѓународното право. Главниот палестински преговарач Саеб Ерекат смета оти САД го замениле меѓународното право со „законот на џунглата“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, го пофали потегот на САД, оценувајќи дека е исправена „историска грешка“. ОН и ЕУ велат оти и понатаму ги сметаат еврејските населби за нелегални.
Кабул – Талибанците ослободија двајца западни заложници во замена за тројца милитанти. Австралиецот Тимоти Викс и Американецот Кевин Кинг беа киднапирани пред три години пред Американскиот универзитет во Кабул, каде што работеле како професори. Тројцата милитанти пристигнале во Катар од Авганистан како дел од размената на заробеници, чија цел е обнова на преговорите со Талибанците.