Вашингтон – САД ја признаа Џанин Ањез за привремена претседателка на Боливија откако поранешниот претседател Ево Моралес поднесе оставка, иако тој самиот објави дека и понатаму е формален шеф на државата затоа што парламентот сè уште не му ја прифатил оставката. Моралес го осуди американското признавање на Ањез и ги обвини САД за политички и економски заговор. Во меѓувреме, таа почна со именувањето единаесет министри во својата влада.
Тел Авив – Најмалку 34 Палестинци се убиени, а над 110 се ранети во досегашните напади на израелската војска врз областа Газа. Палестинските милитантни групи и израелската армија разменуваат напади во изминатите денови, откако во израелска операција во Газа беше убиен командантот на Исламски џихад, Баха Абу ал Ата, заедно со неговата сопруга.
Москва – Две лица се убиени, а тројца се ранети во престрелка во градежен колеџ во рускиот град Благовешченск, во регионот Амур. Напаѓачот бил идентификуван како 19-годишен студент, кој отворил оган од ловечка пушка кон своите колеги. Откако убил еден колега и ранил уште три други, напаѓачот се самоубил. Засега не се познати причините за инцидентот, но очевидци тврдат дека младиот напаѓач претходно бил малтретиран.
Лондон – Британските власти ја известија Европската Унија дека нема да предложат свој кандидат за еврокомесар и покрај обврската да го сторат тоа. Дипломатски извори од Брисел сметаат дека таквиот потег на властите во Лондон може да доведе до дополнително одложување на формирањето на новиот состав на Европската комисија. Новата еврокомисија првично требаше да ја преземе должноста на 1 ноември, но европските пратеници отфрлија тројца кандидати, што го одложи процесот.