Вашингтон – Демократската партија по повеќе од две децении целосно ја презеде контролата врз законодавството во Вирџинија, што претставува голем удар за американскиот претседател Доналд Трамп во пресрет на изборите во 2020 година. Демократите освоија мнозинство врз Конгресот и Сенатот во Вирџинија, откако голем процент од руралните гласачи ја поддржаа Демократската партија, што претставува продолжување на трендот на освојување на окрузите што порано беа наклонети кон Републиканската партија.
Брисел – Претседателот на Европската комисија во заминување, Жан Клод Јункер, изјави дека е заморен од процесот на брегзит. Јункер сепак порача дека очекува излегувањето на Британија од Европската Унија да се случи до крајот на јануари наредната година. Тој исто така изрази оптимизам дека новиот сеопфатен трговски договор помеѓу Британија и ЕУ по брегзит може да биде постигнат за една година или помалку.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија би требало да има сопствена верзија на популарната онлајн-енциклопедија Википедија, за да може земјата да се претстави во добар и модерен облик. Предвидено е во тој проект да бидат вложени 27 милиони долари до 2022 година. Руските власти на 1 ноември добија овластување за исклучување на интернетот во земјата, а Владата планира да создаде инфраструктура за суверен интернет, што го претстави како неопходност за одбрана против надворешните сајбер-напади.
Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон побара од американскиот претседател Доналд Трамп да ги укине новите царини за европските производи. Во телефонскиот разговор, Џонсон исто така го повикал Трамп да не воведува царини за европските автомобили. САД минатиот месец воведоа царини од 25 отсто на европските производи, во знак на одмазда за субвенциите на Европската Унија за произведувачите на авиони.
Вашингтон – Најновите истражувања на климатските експерти покажуваат дека нивото на морето ќе продолжи да расте дури и ако бидат исполнети меѓународните цели од Парискиот климатски договор и ако биде елиминирана емисијата на штетни гасови, која доведува до глобално затоплување. Според анализата, првиот 15-годишен период од спроведувањето на Парискиот договор ќе резултира со доволна емисија на штетни гасови, која ќе предизвика зголемување на нивото на морето за 20 сантиметри до 2300 година.