Париз – Франција и Германија предлагаат самит на Европската Унија со рускиот претседател Владимир Путин во обид за подобрување на односите, јавува новинската агенција „Ројтерс“, повикувајќи се на дипломатски извори. Тоа би бил прв таков состанок од 2014 година и ќе следува по средбата на американскиот претседател Џо Бајден со Путин во Женева на почетокот на овој месец. Овој предлог, според оцените, ја одразува загриженоста во Париз и во Берлин дека пристапот на ЕУ кон Русија во последните години е главно насочен кон санкции врз Москва
Атина – Од вчера изутрината во Грција е укината мерката за задолжително носење маска на отворено. Препораката е маските, сепак, да се носат на места каде што, иако се на отворено, има турканици. Во затворен простор препораката за задолжително носење и натаму важи. Од понеделник, 28 јуни, се укинува и полицискиот час, а на масите во угостителски објекти ќе биде дозволено да седат до 10 лица.
Берлин – Американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен, во Берлин изјави дека САД немаат „подобар пријател“ од Германија. „Сметам дека е фер да се каже дека САД немаат подобар партнер и подобар пријател во светот од Германија“, рече Блинкен на прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел. Новинската агенција „Франс прес“ проценува дека ваквата изјава отстапува од традиционалната позиција на САД, кои Британија обично ја сметаат за најблизок партнер.
Техеран – Иранскиот претседател во заминување, Хасан Рохани, рече дека главните прашања меѓу Техеран и светските сили за оживување на нуклеарниот договор од 2015 година се решени, иако Франција и Германија предупредија дека сѐ уште има пречки. Изјавата дадена на состанокот на неговиот кабинет доаѓа откако високи ирански функционери сигнализираа дека има напредок во разговорите што се одвиваат од април во Виена.