Пекинг – Кинески пилот добил забрана за летање, откако на социјалните мрежи била објавена фотографија со патничка во пилотската кабина. Фотографијата била направена во јануари во авион на компанијата „Ер гулин“, кој летал на релацијата Гулин – Јангжу. На фотографијата може да се види како жената позирала во пилотската кабина, а покрај неа имало повеќе пијалаци.
Атина – Новозеландска туристка преживеала два дена на отворено море, јадејќи само слатки и бонбони. Кушила Штајн (45) била спасена во Егејско Море, северно од островот Крит. Штајн му помагала на еден Британец да ја пренесе својата јахта од јужна Турција до Атина. Во еден момент таа решила да се одмори во мал гумен чамец, кој потоа од големите бранови многу се оддалечил од јахтата. Грчката крајбрежна стража ја пронашла Штајн на сто километри северно од Крит.
Техеран – Иран од денеска ќе почне да ги користи центрифугите за збогатување на ураниумот во објектите во „Фордоу“, иранскиот центар за збогатување ураниум, што претставува директно кршење на нуклеарниот договор. Иранскиот претседател Хасан Рохан најави дека Техеран ќе почне со ставање ураниумски гас во 1.044 центрифуги, посочувајќи дека потписниците на Заедничкиот сеопфатен план за акција мора да го спроведат договорот во рок од два месеца ако сакаат да го спречат Иран да ги суспендира своите обврски.
Анкара – Турските власти соопштија дека ја заробиле сестрата на поранешниот лидер на Исламска држава Абу Бакр ал Багдади, Расмија Авад, во северносирискиот град Азаз. Покрај Авад, уапсени се и нејзиниот сопруг и снаата.
Њујорк – Џин Керол, долгогодишната колумнистка на магазинот „Ел“, која го обвини Доналд Трамп дека ја силувал пред повеќе од 23 години во една продавница во Њујорк, поднесе тужба против американскиот претседател поради неговите изјави во јуни во кои негираше дека ја нападнал. Портпаролката на Белата куќа Стефани Гришам изјави дека тужбата е бесмислена и приказната е измама, исто како и авторката.