Велика Британија – На последниот ден од самитот на Г7 во Корнвол, Англија, шефовите на држави и влади на седумте најразвиени земји во светот планираат да се фокусираат на расправата за борбата против климатските промени, јави ДПА. Домаќинот Велика Британија сака оваа средба на највисоко ниво да ја искористи да ги убеди седумте водечки економски сили во светот да се договорат за амбициозните климатски цели, кои потоа треба да бидат договорени на глобално ниво на Конференцијата за климатски промени на ОН во шкотскиот град Глазгов, во ноември.
Покрај Велика Британија и САД, во земјите на Г7 се вклучени и Германија, Франција, Италија, Јапонија и Канада.
Русија – Московскиот градоначалник, Сергеј Собјанин, поради наглото зголемување на бројот на заразени со ковид-19, соопшти дека деновите од 15 до 19 јуни ќе бидат неработни, а ќе им бидат платени на сите вработени.
Собјанин објасни дека оваа одлука се однесува на компаниите и на организациите од сите форми на сопственост, кои вообичаено не работат за време на викенд
САД – Најмалку 13 лица се повредени во оружен напад што се случи рано вчера во градот Остин, Тексас, соопшти американската полиција, додавајќи дека осомничениот за нападот не е уапсен.
Двајца од ранетите се во критична состојба – изјави шефот на локалната полиција.
Полицијата соопшти дека сè уште не се познати причините за нападот. Дванаесет ранети се пренесени во локалната болница, а едно лице со прострелни рани во ургентниот центар.
Азербејџан – Баку се согласи да ослободи 15 заробени ерменски војници, за да добие мапи со мински полиња во регионот Агдам, соопшти Министерството за надворешни работи на Азербејџан.
– Според договорот постигнат на 12 јуни 2021 година, за да се добие мапа од 97.000 противтенковски и нагазни мини од регионот Агдам, 15 заробени Ерменци ѝ беа предадени на Ерменија – се вели во соопштението пренесено од ТАС С.
Замената беше извршена на азербејџанско-грузиската граница, а медијаторите беа претставници на Грузија.
САД – Неколку погони за производство на вакцината „Џонсон и Џонсон“ против ковид-19 во фабриката во Балтимор, морале да бидат затворени, вакцините ќе мора да бидат фрлени. „Њујорк тајмс“ пишува дека со таа одлука се опфатени околу 60 милиони дози вакцини.