Вашингтон – Се очекува американскиот претседател Џо Бајден да ги изнесе своите ставови за надворешната политика, бидејќи тој сака да го смени курсот на земјата по четири години „Најпрво Америка“, под неговиот претходник Доналд Трамп. Говорот на Бајден ќе се фокусира врз „враќање на местото на Америка во светот“, изјавил официјален претставник на администрацијата, јави Ен-би-си. Исто така, се очекува Бајден целосно да го поддржи својот нов државен секретар Антони Блинкен, кој го презеде Стејт департментот.
Анкара – Земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала ја погоди западната турска провинција Измир. Според турските медиуми, земјотресот се случил вчераутро, во 8.46 часот по локално време, на длабочина од 20,6 километри, соопшти турскиот орган за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Медиумите објавија дека земјотресот бил почувствуван и во соседните провинции, како и во Лезбос, Грција.
Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешна работи, Жозеп Борел, изрази жалење за масовното приведување на демонстрантите во Русија, собрани за поддршка на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални. Тој на социјалната мрежа Твитер напиша дека Русија треба да ги почитува своите меѓународни обврски. Во меѓувреме, руската полиција завчера уапси повеќе од 4.400 учесници во масовните демонстрации низ целата земја што бараа ослободување на Навални.
Непјидо – Моќната војска на Мјанмар изврши државен удар, приведувајќи ги фактичкиот лидер на земјата Аунг Сан Су Ки и други високи личности од владејачката партија. Воената телевизија Мјавади објави на 1 февруари едногодишна вонредна состојба за зачувување на „стабилноста“ поради спорот за изборите. Во изјавата се вели дека новиот вршител на должноста претседател е Мајнт Све, поранешен генерал, кој бил заменик-претседател.