Берлин – Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални вели дека Кремљ прави сѐ што е во негова моќ да го спречи неговото враќање во Русија, но тој сепак планира да го направи тоа. Навални за американскиот радиодифузер Си-би-ес изјави дека е решен да се врати за неколку месеци и да ја преземе својата работа во борбата против корупцијата. Тој е во Берлин, каде што заздравува од труењето со токсична хемикалија што ѝ припаѓа на групата новичок.
Прага – Стотици демонстранти се судрија со полицијата во Прага во неделата на демонстрациите против повторното воведување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Полицијата употреби водни топови врз насилните демонстранти меѓу кои и околу 500 фудбалски навивачи познати како „ултраси“. Чешка, која има најголема стапка на инфекција со коронавирусот во Европа, ќе почека најмалку две недели пред да реши дали ќе нареди целосна блокада за да се запре ширењето на епидемија, рече вицепремиерот Карел Хавличек.
Вашингтон – Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, предупреди дека секоја продажба на оружје на Иран ќе доведе до санкции, откако иранските власти објавија дека од вчера не важело ембаргото на ОН за продажба на оружје. Помпео рече дека САД се подготвени да „воведат санкции против секој што материјално придонесува за снабдување, продажба и трансфер на конвенционално оружје во Иран“.
Сантијаго – Најмалку две цркви се запалени во главниот град на Чиле, а илјадници луѓе се собраа на улиците на првата годишнина на смртоносните протести против конзервативната влада. На снимките што ги објавија западните агенции се гледа како се урива кулата на „Парокија де ла Сунсион“, една од најстарите цркви во Сантијаго де Чиле. Друга ја покажува „Иглесија де сан Франциско де Борја“, која полицијата обично ја користи за церемонии, зафатена од пламен. Протестите почнаа мирно на „Плаза Италија“, плоштадот познат и како „Плаза де ла дигнитад“, но набрзо станаа насилни и покрај полициското присуство, јави Си-ен-ен.