Вашингтон – Поранешниот советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон, не прифати да учествува на доброволниот разговор за отповикување на претседателот Доналд Трамп и нема да се појави пред Претставничкиот дом на Конгресот без судска покана. Комитетите на Конгресот што ја водат истрагата побараа од Болтон следната недела да разговара зад затворени врати. Но неговиот адвокат, Чарлс Купер, изјави дека Болтон нема да зборува пред нив без судска покана.
Исламабад – Најмалку 73 лица загинале, а околу четириесет биле повредени во пожарот што избувна во воз во Пакистан, откако експлодирал уред во кој патниците приготвувале појадок. Пожарот уништил три од четирите вагони недалеку од градот Рахим Јар Кан, на југот од покраината Пенџаб. Многу од жртвите настрадале додека скокале од возот во движење, сакајќи да се спасат од огнот.
Њу Делхи – Индиските власти и формално почнаа со примена на законот со кој му се отстранува полуавтономниот статус на Кашмир под контрола на Индија и почнува директно федерално владеење во спорната област. Овој закон ја дели поранешната држава Џаму-Кашмир на две територии под сојузна управа. Хиндуистичката националистичка влада на премиерот Нарендра Моди претходно испрати илјадници дополнителни војници и ги уапси антииндиските, како и проиндиските активисти, пред да ги наметне промените во мнозински муслиманскиот регион.
Токио – Јапонските власти соопштија дека Северна Кореја истрелала две ракети, кои паднале во Јапонско Море. Официјално Токио наведе дека најверојатно станува збор за балистички проектили и дека тие не паднале на нивна територија. На 27 октомври властите во Пјонгјанг порачаа дека немало напредок во односите меѓу Северна Кореја и САД.