КИНА/Пекинг – Властите во главниот град на Кина воведоа ограничувачки мерки поради новиот бран заразени со коронавирус, а властите апелираа граѓаните да не излегуваат од дома, пренесе „Саут Чајна морнинг пост“. Во градот се затвораат училиштата и основните и средните, а учениците ќе учат од дома. Ситуацијата со вирусот е окарактеризирана како сериозна. Властите од Пекинг апелираа граѓаните да не го напуштаат градот, но во случај на потреба мора да приложат потврда дека не се заразени. Пред неколку дена на еден од најголемите пазари во Пекинг е откриено ново жариште на коронавирус.
САД/Вашингтон – Властите во шест американски сојузни држави регистрирале рекорден број нови случаи на зараза со коронaвирусот на дневно ниво, според извештаите на тамошните здравствени служби, а истовремено од Белата куќа изјавија дека не се очекува втор бран на епидемијата во САД. Во овие сојузни држави, последните седмици значително се зголемува и бројот на хоспитализирани лица. Според последните податоци на универзитетот „Џонс Хопкинс“, во САД се регистрирани повеќе од 2,1 милиони случаи на коронавирусот, а бројот на починатите е над 116.000 луѓе.
ФРАНЦИЈА/ДИЖОН – Францускиот град Дижон веќе подолго време се соочува со немирите што се предизвикани од чеченското малцинство, кое е незадоволно што француските власти ги третира не како граѓани од втор, туку од трет ред. Тие кршеа излози, ограбуваа продавници, а го малтретираа и локалното население. Во регионот на Дижон живеат околу 20.000 Чеченци, кои никогаш не успеале да се социјализираат во Франција, иако таму живеат и неколку генерации по ред.
ТУРЦИЈА/ИРАК – Турција почна нова воена операција против курдските бунтовници во северен Ирак, соопшти Министерството за одбрана по серија воздушни напади. Државната мрежа ТРТ објави дека стотици војници влегле во северен Ирак од градот Улудере во турската погранична провинција Сирнак. Артилеријата погодила повеќе од 150 цели, јавува новинската агенција „Анадолу“.
БРИСЕЛ – Министрите за одбрана на НАТО почнаа дводневни преговори со претседателот на САД, Доналд Трамп, кој најави дека драстично ќе го намали бројот на американски војници стационирани во Германија. На дневен ред е стратегијата на НАТО за превенција, поради зголемување на руската флота со модерни нуклеарни проектили.
Подготвил: Митко Јовановски