Кабул – Авганистанските власти соопштија дека најмалку 17 лица загинале во низа напади низ целата земја. Засега никој не ја презеде одговорноста за вчерашните напади, јавува Ројтерс. Насилствата во земјава се зголемија во изминатите неколку недели, и покрај напредокот кон почеток на директни разговори меѓу талибанците и авганистанската влада за прекин на огнот и иден договор за поделба на власта.
Багдад – Две ракети синоќа ја погодија воената база што се наоѓа северно од Багдад, во која се стационирани трупи на коалицијата под команда на САД, јавија ирачките медиуми. Според локалните медиуми, во нападот нема загинати лица и засега сѐ уште никој не презел одговорност за нападот.
Пекинг – Кина пријави 57 нови случаи на ковид-19 за 13 јуни, што е највисока дневна бројка во последните два месеца. Националната здравствена комисија соопшти дека 38 нови потврдени случаи се пренесени локално и дека 36 од нив биле во Пекинг. Ова е најголем број на дневни случаи на коронавирус за кинескиот главен град откако властите почнаа со објавување на податоците. Пекинг забележа скок во новопотврдените случаи во последните шест дена, откако почна масовното тестирање на пазарот „Ксинфади“ во југозападниот градски округ Фенгтаи.
Париз – Неколку илјади демонстранти што протестираат против расизам се собраа викендов во центарот на Париз, за да ја осудат полициската бруталност. Во Лондон во исто време, пак, демонстрираа стотици екстремно десничарски активисти. Протестите во Париз се инспирирани од движењето во САД „Црните животи се важни“. Инаку, протестите во САД следуваа по смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец што почина откако полицаец го притискал со коленото врз вратот речиси девет минути.