Брисел – Европската Унија вчера се согласи да одобри ново тримесечно одложување на заминувањето на Британија, откако британскиот Борис Џонсон побара одржување вонредни избори. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, потврди дека ЕУ постигна согласност да го продолжи рокот за брегзит до 31 јануари 2020 година. Туск порача дека Унијата ќе дозволи т.н. флексибилност – што значи дека Британија би можела да замине од Унијата и пред крајниот рок, ако парламентот во Лондон успее да постигне договор.
Сакраменто – Калифорнискиот гувернер Гевин Њусом прогласи вонредна состојба низ цела Калифорнија, откако беше наредена евакуација на околу 200.000 лица поради големите шумски пожари и невремето. Повеќе од два милиони лица во Калифорнија останаа без електрична енергија, бидејќи најголемата компанија за дистрибуција на електрична енергија превентивно го исклучи снабдувањето за да спречи нови пожари. Њусом порача дека властите ги вложуваат сите расположиви ресурси во борбата против пожарите, поттикнати од екстремно силниот ветер.
Париз – Француската полиција пронајде осум мигранти од Авганистан, кои биле скриени во камион-ладилник што патувал во Британија, за време на царинската контрола во пристанишниот град Кале. Пронајдените лица имале хипотермија и биле однесени во болница во Кале. Мигрантите биле скриени во двојното дно на ладилникот на камионот, а вратата била заклучена однадвор. Француските власти соопштија дека температурата во ладилникот била околу седум Целзиусови степени
Буенос Аирес – На претседателските избори во Аргентина убедливо победи левоцентристичкиот кандидат Алберто Фернандез. Шеесетгодишниот Фернандез победи со 48 проценти од гласовите, а неговиот конзервативен ривал Маурисио Макри, освои 40 отсто од гласовите. Резултатот на Фернандез му овозможи да прогласи победа уште во првиот круг од гласањето, без да му биде потребно прегласување. Тој вети дека ќе воведе „нов ред“ и дека ќе изгради земја со повеќе еднаквост и солидарност.