Берлин – Германската влада соопшти дека на својата територија ги забранува сите активности на либанското шиитско движење Хезболах. Тоа претходно од Берлин го побараа САД и Израел. Досега беа забранети само активностите на военото крило на Хезболах, кое земјите од Европската Унија го сметаат за терористичко движење. Сепак, политичката гранка на Хезболах, која редовно организира протести и антиизраелски акции, досега беше активна. Хезболах во Германија има околу 1.000 члена.
Вашингтон – Над половина затвореници во федералниот затвор во Лос Анџелес се позитивни на ковид-19, а двајца починале, соопшти денеска американското Биро за затворски систем. Од вкупно 1.055 затвореници, 570 имаат вирус, како и 10 припадници на обезбедувањето, пренесува агенцијата АП. Многу од затворениците се асимптоматски пациенти.
Москва – Официјална Москва ги отфрли американските тврдења дека Русија разместува нуклеарни боеви глави со послаба разорна моќ на подморничките балистички ракети и предупреди дека обид за употреба на такво оружје против Русија би довел до нуклеарен одговор, јави Си-ен-ен. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, кажа дека секој напад со американски балистички ракети лансирани од подморница, независно од спецификацијата на оружјето Москва, би го сметала за нуклеарна агресија.
Пекинг – Кинескиот главен град Пекинг вчера ги олесни правилата за карантин за некои домашни патници од области со низок ризик во Кина, бидејќи кинескиот главен град се подготвува за голем политички собир. Луѓето што пристигнуваат од друго место во Кина повеќе нема да биде потребно да бидат ставени во карантин две недели освен ако не доаѓаат од области со висок ризик, како што се Хејлонгјанг на северот и некои делови на Гуангдонг на југоисток.