Во светот се проценува дека околу 7.000 медицински работници починале од ковид-19, како што посочуваат новите податоци објавени од страна на „Амнести интернешенел“. Бидејќи не постои систематско светско следење на смртните случаи кај медицинските работници, „Амнести интернешенел“ ги собра и ги анализира постојните податоци од над 80 земји. Невладината организација предупреди дека нејзините откритија претставуваат приказ на состојбата имајќи предвид дека дефиницијата за здравствен работник е различна во државите, а смртноста од ковид-19 исто така различно се толкува.
Мексико има највисока смртност од сите држави според податоците до кои дојде организацијата, така што 1.320 медицински работници досега починале како резултат на коронавирусот. Државата има најниска стапка на тестирање во споредба со другите земји додека медицинските лица излегоа на улиците во знак на протест поради недостиг од заштитна опрема во раните фази на пандемијата. „Амнести интернешенел“ пренесува дека болничките работници се особено изложени на ризик затоа што повеќето од таквите услуги сега се вршат на страна, што резултира со пониско ниво на заштитна опрема.
Стив Кокбурн, шефот за економија и социјална правда во „Амнести интернешенел“, посочи дека тоа што „над седум илјади лица починале во обидот да спасат други, претставува еден вид криза со страшни размери. Секој здравствен работник има право на безбедност на работното место, а скандалозно е што многумина ја плаќаат највисоката цена“. Тој додаде дека „мора да постои соработка на светско ниво за да се обезбеди сите здравствени работници да имаат соодветна здравствена заштита, за да можат да продолжат непречено да ги вршат своите обврски без животот да им биде загрозен“.