Во Германија загрижувачки тренд
Германските власти бележат сѐ повеќе напади врз медицинските лица, но и кон оние што работат во образованието од страна на противниците за вакцинација и рестриктивните мерки во земјата. Ова, меѓу другото, го објавуваат германските медиуми, информирајќи дека забележливо е зголемено насилството врз повеќе групи луѓе во земјата.
– Германската федерална канцеларија за борба против криминалот (БКА) ги вклучи противниците на вакцинацијата и рестриктивните мерки во групите што можат безбедносно да ги загрозат лекарите и професорите во државата – пишува весникот „Ди велт“. Според медиумот, опасноста се манифестира во форма „од вербална до физичка агресија“.
Сојузната лекарска комора, пак, од своја страна предупредува на загрижувачката ситуација во земјата.
– За многу здравствени работници, справувањето со агресијата е дел од секојдневниот живот при едноставното проверување на статусот за вакцинација на пациентот или предупредување да ги почитуваат правилата за коронавирусот – вели Клаус Рајнхард, претседател на Лекарската комора.
Вработените во амбулантите каде што се врши вакцинација се соочуваат со најголем степен на агресивност. Експертот за политички екстремизам, Штефан Герц, во изјава за истиот дневен весник укажа на растечката радикализација во земјата на луѓето што се противат на рестриктивните мерки и имунизацијата. Јавниот сервис АРД известува и за зголеменото влијание на антиуставните и антиваксерските движења врз круговите околу т.н. приватни училишта, оние што не функционираат директно во рамките на државниот училиштен систем, вклучувајќи ги училиштата во Валдорф.
Во училиштето „Валдорф“ во Фрајбург, по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, локалните власти ги проверуваа лекарските уверенија според кои учениците можат да бидат ослободени од носење заштитни маски.