„Мајкрософт“ помина децении во создавањето на добри односи со Пекинг што би можело да биде корисно за обидот на компанијата да ги купи правата за функционирање на „Тикток“ во САД и во други држави. Зделката би можела да се оствари доколку не се попречат односите помеѓу Кина и САД, пренесува Си-ен-ен.
„Мајкрософт“ се појави како водечки кандидат за спасување на „Тикток“ од заканата на Доналд Трамп за забрана на апликацијата доколку не се најде американски купувач. Апликацијата е во посед на компанијата „Бајтденс“ од Пекинг. Спогодбата би му овозможила на „Мајкрософт сопствеништво и контрола на услугите на „Тикток“ во САД, Канада, Австралија и во Нов Зеланд. За разлика од другите големи американски компании, „Мајкрософт“ има одредено влијание во Кина и неговите производи се присутни на тамошниот пазар. Компанијата е присутна во Кина од 1992 година и има шест илјади вработени во најмногубројната светска држава. Софтверот на „Мајкрософт“ е користен од кинеската влада и компаниите, а американската компанија е почитувана во Кина, според познавачите на состојбите.
– „Мајкрософт“ е навистина почитуван во кинеската технолошка заедница, особено кога станува збор за развојот на вештачка интелигенција. Многумина во Кина сметаат дека „Мајкрософт“ е најдобар избор за „Тикток“ бидејќи познавањето на вештачката интелигенција ќе му овозможи да разбере што сака „Бајтденс“ да постигне – вели Едит Јунг која со години инвестира во кинеските компании.
Се смета дека изнудената продажба на „Тикток“ на „Мајкрософт“ би била од корист за сите вклучени страни. Би претставувала победа за Трамп, би му овозможила на „Мајкрософт“ да се стекне со производ кој бргу напредува, а за „Бајтденс“ би претставувала „помало зло“. Но, како и другите мултинационални компании, и „Мајкрософт“ се соочува со предизвици, како што е распространетата пиратерија што го спречува понатамошното навлегување на кинескиот пазар.
А во време кога ескалираат тензиите помеѓу Вашингтон и Пекинг, бизнисот на „Мајкрософт“ во Кина може да се покаже како проблематичен, додека двете најголеми светски економии се доближуваат кон технолошка разделба преку затворање на бројни бизниси.
Во меѓувреме Трамп ја смета изнудената продажба на „Тикток“ за победа, истакнувајќи дека американското министерство за финансии треба да добие удел од парите ако зделката се оствари. Експертите проценуваат дека купувањето на „Тикток“ би можело да го чини „Мајкрософт“ од 40 до 50 милијарди долари. Коментарите на Трамп не беа примени добро во Кина, но продажбата на „Тикток“ може да се смета и за триумф на кинеската технолошка индустрија, според Рич Робинсон, професор на универитетот во Пекинг.
– Последен пат кога проверив 50 милијарди долари претставуваат добра победа. Сите победуваат. А штета е што ситуацијата се исполитизира – заклучува Робинсон.