Претседателката на Советот на Руската Федерација, Валентина Матвијенко на средбата со претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Лилијан Мори Паскје, изјави дека во Русија созрева желбата да излезе од Советот на Европа (СЕ).
– Искрено говорејќи, ако СЕ се помири со ова, ако не се почитува учеството на Русија, тогаш мора да биде така. Нема смисла и понатаму да се пролонгира паузата, посочи Матвијенко.
Таа додаде дека одреден број одлуки на ПССЕ, вклучително и изборот на судии и комесари на СЕ не се легитимни без учеството на Русија.
Матвијенко ситуацијата во ПССЕ ја оцени како критичка и спротивна на „принципот на парламентаризмот“.
Рускиот сенатор Константин Косачов изјави дека одлуката за евентуалното повлекување од ПССЕ ќе биде донесена по седницата во октомври, на која ќе бидат претставени и амандмани на статутот на организацијата.
Односите помеѓу Русија и СЕ се тензични последните години. Конфликтот се заостри во 2014 и во 2015 година кога на руските парламентарци им беа одземени низа надлежности поради ставот за Крим. Во јуни минатата година Москва замрзна дел од уплатата во буџетот на СЕ се додека во целост не и бидат вратени ингеренциите на нејзината делегација во ПССЕ. Во март годинава ПССЕ призна дека мерките на Москва предизвикале финансиски потешкотии, па замрзна девет отсто од буџетот на организацијата, а дефицитот изнесува 1,5 милиони евра.
Во април генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јагланд изјави дека поради неплатени доприноси можно е да бидат воведени санкции кон Русија, без да наведе повеќе детали.