Подготвил: Игор Даниловиќ
Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела ги смени своите совети за носење маски за лице, велејќи дека тие треба да се носат во јавност каде што не е можно да се одржува физичко растојание, за да се запре ширењето на коронавирусот. Глобалната организација посочи оти новите податоци покажуваат дека маските може да обезбедат „заштита од потенцијално заразните капки“. Некои земји веќе препорачуваат или наложуваат носење маски во јавност. СЗО претходно тврдеше дека нема доволно докази дека здравите луѓе треба да носат маски.
Нова студија објавена во медицинското списание „Лансет“ откри дека мерките како физичкото дистанцирање и носењето маски се ефикасни во намалувањето на ширењето на коронавирусот. Систематскиот преглед и метаанализата на 172 студии откриле дека шансите за заразување со коронавирусот на растојание помало од еден метар со мерки за физичко дистанцирање се 12,8 отсто, но дека тие паѓаат на само 2,6 отсто при растојание од еден метар или повеќе.
Маските станаа исклучително контроверзна тема, но се верува дека тие помагаат да се запре ширењето на болеста во многу земји во Азија, како и во некои земји во Европа, како на пример Чешка. Според „Лансет“, шансите за пренесување без маски и респиратори се 17,4 отсто, а тие паѓаат на само 3,1 отсто кога има заштита. Заштитата на очите исто така може да ја намали можноста од инфекција од 16 отсто на 5,5 отсто.
Авторите на студијата предупредуваат дека дури и кога се комбинираат сите овие мерки, тие не нудат целосна заштита и дека се потребни други мерки, како постојано миење на рацете.