Комитетот за мир, кој е специјално избран од норвешкиот парламент, денеска во Осло ги објави имињата на добитниците на Нобеловата награда за мир. Лауреати за годинава се Марија Реша и Димитриј Муратов за слобода на говорот на Филипините и Русија.
На 1 март, Нобеловата фондација објави дека вкупно 329 кандидати биле номинирани за годинашната Нобелова награда за мир. Имињата на некои луѓе кои би можеле да бидат кандидати беа споменати во јавноста порано, а тоа се активистката за животна средина Грета Турнберг и противникот на Кремљ Алексеј Навални.
Се споменуваа и Светската здравствена организација (СЗО), Алијансата за вакцини (ГАВИ), Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и Репортери без граници (РСФ).
Наградата за мир се доделува во Осло, за разлика од другите Нобелови награди доделени во Стокхолм и традиционално се доделува на 10 декември, денот кога почина основачот на наградата, шведскиот научник и индустријалец Алфред Нобел.
Нобеловата сезона почна во понеделникот со објавувањето на добитникот на Нобеловата награда за медицина. Овогодишните победници се американските научници Дејвид Џулиус и Ардем Патапутијан за откривање на рецептори за температура и допир.
Во вторникот беа објавени добитниците на Нобеловата награда за физика, Сукуро Манабе, Клаус Хаселман и Џорџо Париси. Тие беа наградени за револуционерен придонес во разбирањето на сложените физички системи.
Во средата Нобеловата награда за хемија им беше доделена на германскиот научник Бенјамин Лист и британскиот научник Дејвид Мекмилан за развој на асиметрична органокатализа.
Нобеловата награда за литература вчера му беше доделена на Абдулразак Гурна, кој беше награден за емпатично и бескомпромисно претставување на последиците од колонијализмот и судбината на бегалците заробени меѓу културите и континентите, се вели во одлуката.
Нобеловата сезона ќе заврши в понеделник со објавување на добитниците на наградата за економија.
Нобеловата награда се состои од златен медал, диплома и чек од девет милиони круни (околу еден милион евра), а паричниот износ на наградата е поделен ако има повеќе лауреати во една дисциплина.