По авионската несреќа во близина на островот Јава
Малиот остров Ланканг во близина на Џакарта стана база за акцијата за спасување откако индонезискиот авион „Сривијаја 182“, кој се движел кон градот Понтианак на островот Борнео, се урна во саботата. Островот, на кој главно живеат риболовци, нема голем број посетители, но сега националната агенција за пребарување и спасување на Индонезија ги окупираше неговиот брег и води, пренесува „Њујорк тајмс“.
Риболовците, кои се сведоци на несреќата, мислат дека станувало збор за цунами, удар на гром или пак, некаква силна експлозија.
– Имам среќа што остатоците од авионот не ме погодија. Авионот експлодира кога удри во површината, а насекаде имаше негови делови – вели риболовецот Хенрик Мулјади, жител на островот.
Тој бил еден од петте сведоци на несреќата која се случила на само 300 метри од нив во Морето Јава. Во авионот имало 62 лица, односно 50 патника и 12 членови на екипажот.
Сега, риболовците не можат да работат поради акциите за спасување, како и поради потрага по црната кутија на авионот.
– Честопати кога гледав авиони на небото си помислував, доколку тие авиони се урнат тука, сите ќе умреме – објаснува Мулјади.
Началникот на селото на островот, Махтум, вели дека многу семејства на островот заработуваат за живот благодарение на морето и водат едноставни животи. Ланканг, кој е со популација од околу 2.000 жители, е практично недопрен од коронавирусот, со само три случаи минатата недела. Но, островјаните живеат под закана од цунами.
– Помислив дека станува збор за цунами. Чув силна експлозија. Наеднаш морето се крена и водата се исполни со црвени и жолти светла. Црн чад го исполни воздухот – вели Сахапи, сведок на несреќата.
Од саботата, властите не дозволуваат рибарите од Ланканг да ги проверуваат своите стапици за ракови во близина на местото на несреќата.
Индонезиските нуркачи денеска беа потпомогнати од далечинско управувано подводно возило, а потрагата по останките на жртвите продолжува. Но, потрагата е попречена од остатоците од авионот и морската кал. Во операцијата за пребарување учествуваат 3.600 лица, вклучувајќи 160 нуркачи.
Ова е втора голема авионска несреќа во Индонезија од 2018 година, кога 189 патници и членови на екипажот загинаа откако авионот „боинг 737 макс“ на „Лајон ер“ се урна набрзо по полетувањето.