По убиството на Сергеј Киров, декември 1934, се засилила паранојата на советскиот диктатор Сталин која била проследена со репресија, а меѓу невините жртвите се нашол и легендарниот Максим Горки. Рускиот писател ненадејно бил ставен во куќен притвор во неговата куќа во близина на Москва. Во последните години од животот бил болен и скршен. За време на кратките средби со пријателите се жалел дека е осамен и омаломоштен, а со знаци им давал до знаење дека го надгледуваат и дека се плаши. Во јуни 1936 год., непосредно пред смртта бил посетен од Сталин, Генрих Јагода (директор на тајната полиција) и други советски водачи.
Максим Горки бил погребан со државни почети, а Сталин и Молотов биле меѓу оние кои ја носеле урната на Горки за време на погребот. Според советските власти, смртта на рускиот писател настапила поради компликаците од пневмонија, но со децении кружеле гласини дека всушност Горки бил убиен.
Предраг Матвеевиќ (еден од најпреведуваните хрватски автори во светот и интелектуалец) успеал во една приватна библиотека да ги пронајде официјалните стенограми од судењето на Бухарин и другите обвинети, со кои се потврдува дека Горки бил убиен од советските власти. Во текот на судењето еден од обвинетите доктор Л. Ж. Левин (кој бил ангажиран од страна на Јагода), ја дал следната изјава:
– Во зимата 1935 година, Горки беше на Крим. Се согласивме околу мерките за неговата исхрана и нега. Му ги дававме следниве инјекции кои можеа да му наштетат: камфор, кофеин, кардизол, диогелан… Лековите ги употребуваме во прекумерни количества, на пример 30 до 40 инјекции камфор на ден, две дигелан, четири кофеин, две стрихин. –
(извор: Предраг Матвеевиќ, Источниот епистолар)