Адвокатите на Гизлејн Максвел, која е обвинета поради спроведување на секс-трговија за потребите на Џефри Епстајн, не успеаја да издејствуваат блокирање на отворањето и евентуалното објавување на документите кои можат да доведат до посрамување на повеќе светски јавни личности во случајот, пренесува „Њузвик“.
Судијката Лорета Преска го одби барањето на нејзините адвокати и сега документите за судската спогодба во тужбата за клевета од 2015 година веројатно ќе бидат отворени утре, според одлуката донесена од судот.
Наспроти наредбата за отворање на документите, судијката им даде на адвокатите на Максвел два дена да бараат сопирање на процедурата од жалбен суд. Еден од застапниците на Максвел истакна дека треба да се разгледаат новите околности пред објавувањето на документите.
Тој додаде дека сведочењето на Максвел завршило кај владините адвокати што резултирало со покренување на обвиненија против британската џетсетерка.
Неодамнешното апсење на Британката Гизлејн Максвел во САД претставува значителен развој во истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн и на дел од луѓето од неговите кругови, по самоубиството на богатиот финансиер во неговата затворска ќелија во Њујорк, минатата година. Светските медиуми наведуваат дека Максвел била блиска со Епстајн кој имал голема доверба во неа, а според одредени информации тие биле и во романтична врска.
Епстајн и Максвел беа познати по нивниот друштвен живот воден меѓу џет-сетот на моќниците од светот на политиката, уметноста, забавната индустрија и науката. Има шпекулации околу можните сознанија на Максвел за активностите на нивните моќни пријатели.
Епстајн имаше познанства со голем број на политичари, бизнисмени и славни личности, меѓу кои се спомнуваат актуелниот американски претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон, британскиот принц Ендрју, актерот Кевин Спејси…
Познатиот бизнисмен беше обвинет дека предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен во јули минатата година на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Осрамотениот Епстајн си го одзема животот во ќелијата во затворот Метрополитан на Менхетн во август минатата година.