Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа нема да може да се брани без „вистинска европска војска“.
– Мораме да имаме Европа која ќе може да се брани, не само да се потпира на САД, порача Макрон во интервју за „Европа 1“.
Макрон рече дека е потребна „силна и суверена Европа“ за да се одбранат европските интереси против Кина, Русија, „па дури и САД“, како и „Интернет гигантите“.
Францускиот претседател наведе дека сака да ги собере проевропските движења на изборите за Европскиот Парламент следната година, предупредувајќи на пораст на национализмот во Европа.
– Насекаде во Европа, национализмот е во пораст. Тие играат на картата на страв, сакајќи да ги затворат границите. Само затоа што се избрани, не значи дека не можам да се борам против нивните идеи, нагласи Макрон.
Тој оцени дека повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарно оружје од среден дострел претставува закана за европската безбедност.
– Кога пред неколку недели американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон ќе се повлече од Договорот за разоружување, кој, да ве потсетам, беше потпишан по големата ракетна криза во Европа, во средината на 80-те години, мене ми е јасно дека во тој случај главна жртва е Европа и нејзината безбедност, наведе Макрон.
Францускиот претседател истакна и дека се залага за дијалот со Москва.
– Сакам да развијам искрен дијалог со Русија, која е европска сила. Тоа е земја која ја почитувам, истакна Макрон.
Тој констатира дека „живееме во опасен свет“ и дека сме сведоци на „се поголем број судири“.
– Сепак, не треба да дозволиме да преовлада стравот. Треба да сфатиме кои сме и низ каков период проаѓаме, рече Макрон, споредувајќи ја сегашната ситуација во Европа со таа од 30-те години од минатиот век.