Франција е подготвена да ја даде својата помош во градењето трајно и праведно решение за сите страни вклучени во решавањето на конфликтот во Нагорно-Карабах, објави прес-службата на францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува ТАСС.
Претседателската канцеларија за печат објави рано утринава дека претседателот Макрон остварил телефонски разговор со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
Макрон го изразил своето задовотлство во однос на режимот на прекин на огнот, го повторил своето пријателство со Ерменија и ја изразил својата подготвеност да најде правично и трајно политичко решение за Нагорно-Карабах, што ќе биде прифатливо за сите вклучени страни.
На 27 септември, прес-службата на ерменската влада изјави дека премиерот Никол Пашинјан остварил телефонски разговор со францускиот претседател Макрон, и разговарал за случувањата во Нагорно-Карабах.
– Претседателот Макрон изрази длабока загриженост во врска со моменталната состојба и рече дека е недопуштена натамошна ескалација на напнатоста – објави во тоа време прес-службата на ерменската влада.
На 9 ноември, рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.
Со договорот се запрени воените операции во регионот, Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите што сега ги контролираат, а во регионот ќе бидат распоредени руски мировници.
Руското Министерство за одбрана изјави дека на линијата на контакт во Нагорно-Карабах ќе бидат распоредени 1.960 руски војници во рамките на мировните сили, кои ќе располагаат со 90 оклопни возила. Руските мировни сили во регионот ќе останат пет години, а ако не дојде до жалба од една од страните најмалку шест месеци пред истекување на мисијата, нивниот престој ќе биде автоматски продолжен.
Командата на руските мировници е стационирана во Степанакерт за да спроведува команда и контрола на мировната операција во областа на конфликтот во Нагорно-Карабах.
Руската команда воспостави и постојана интеракција со Генералштабовите на азербејџанските и ерменските вооружени сили преку директни канали за комуникација за извршување на мировните задачи, спречување можни инциденти и обезбедување на безбедноста на мировниците.