Францускиот претседател Емануел Макрон кој денеска во Париз имаше средба со ирскиот премиер Лео Варадкар, не ја криеше вознемиреноста за Брегзит, јави дописникот на МИА.

– Нашиот приоритет мора да биде правилното функционирање на Европска Унија и единствениот пазар. ЕУ не може да биде трајно заложник на решавање на политичката криза во Обединетото Кралство- истакна Макрон.

Тој додаде дека неуспехот да се претстави „веродостоен алтернативен план до 10 април“, Лондон „де факто ќе одлучи да излезе без договор“.

Макрон истакна и дека Франција и Европа „никогаш нема да ги напуштат што и да се случи, Ирска и Ирците“.

Од своја страна, Варадкар потсети дека „сè уште има време за британската премиерка да поднесе предлози“.

– Мислам дека мора да останеме отворени за секој предлог што таа ќе го даде -посочи Варадкар.