Европа не може да ја игра својата улога ако не преземе поголема одговорност за својата одбрана и безбедност и се задоволи со второкласна улога на меѓународната сцена, порача шефот на француската држава
Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Европа мора да се обедини, за да се спречи избувнување глобален хаос. Европа, според него, не смее да стане играчка во рацете на големите сили. Макрон викендов пристигна во Берлин, каде што разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел за клучните прашања со кои се соочува Европската Унија. Двајцата лидери дискутираа за миграцијата, еврото и европската одбрана, и тоа во период кога се обидуваат да го зачуваат своето влијание на надворешен план, додека, пак, популарноста дома им се намалува.
– Обврска на француско-германскиот сојуз е да не дозволи светот да западне во хаос и да го води по патот на мирот. Европа не може да ја игра својата улога ако не преземе поголема одговорност за својата одбрана и безбедност и се задоволи со второкласна улога на меѓународната сцена – истакна шефот на француската држава.
Од друга страна, како што пренесува Асошиејтед прес, Меркел беше пофокусирана на изборите за Европарламентот во мај наредната година, кои можат да им понудат шанса на популистите и партиите што се против ЕУ да добијат поголема поддршка од гласачите.
– Мораме да сториме многу до мај наредната година, за да создадеме пообединета, посуверена и поефикасна Европа, што ни е многу неопходно – наведе германската канцеларка.
Асошиејтед прес оценува дека двете најголеми земји на ЕУ може да бидат голема сила, но нивните лидери во моментов се соочуваат со намалување на поддршката на домашен план. На Макрон му опаѓа рејтингот во земјата, каде што над 250.000 лица протестираа против најавеното поскапување на цената на горивото, додека, пак, на Меркел ѝ се намалува влијанието откако неодамна соопшти дека повеќе нема да се кандидира за канцеларската функција. Меркел, меѓутоа, го поддржа предлогот на Макрон за формирање европска армија, а и двајцата истакнаа дека ЕУ мора да ја намали зависноста од другите, односно од САД, за својата одбрана. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ги вознемири сојузниците во НАТО, порачувајќи им дека мора повеќе да платат за одбраната или „самите да се бранат“.
Од друга страна, пријателските разговори во Берлин во пресрет на декемврискиот самит на ЕУ не може да ги скријат разликите помеѓу Германија и Франција во ставот кон економските прашања. Двете земји се согласија за заеднички буџет на членките на еврозоната, но предвидените средства, од 20 до 25 милијарди евра, што е само 0,2 отсто од нивниот БДП, се помалку од неколкуте проценти, за што се залагаше Макрон. Постигнатиот договор, кој ќе биде поднесен на самитот во декември, е резултат на германското одбивање парите од даночните обврзници од богатите земји, како Германија, да одат за финансиски несигурни земји, како што се Италија и Грција.
Германија и Франција не може да се согласат ниту за одредувањето данок за дигиталните компании, како што се „Амазон“ и „Гугл“. Франција и Европската комисија сметаат дека на тие компании треба да им се одреди данок, додека, пак, Германија инсистира дека за тоа одлука треба да донесе 36-члената Организација за економска соработка и развој.
Истовремено, прогресивните глобални амбиции на францускиот претседател се судираат со реалноста на национализмот и авторитарните режими во Европа. Макрон веќе го предупреди Виктор Орбан, унгарскиот антиевропски и антиимигрантски премиер, дека неговите идеи за нелиберална демократија не можат да се одржат. Тој исто така го критикуваше и Мато Салвини, десничарскиот вицепремиер на Италија.
Сепак, обидот на Макрон да ја преземе улогата на лидер на Европа дополнително е поткопан од тврдењата дека тој и не е толку прогресивен како што се претставува. Тој нема многу светло минато кога станува збор за емиграцијата, вклучувајќи погранични инциденти со Италија и Шпанија, заклучува „Гардијан“.