Францускиот претседател Емануел Макрон му порача на британскиот премиер Борис Џонсон дека Европската Унија ќе одлучи до крајот на неделата за тоа дали е можен договор за брегзит. Макрон изјави дека разговорите би продолжиле брзо за да се провери дали договорот би ги почитувал принципите на Унијата. Од друга страна, Џонсон предупреди дека ЕУ не треба да западне во заблуда дека ќе има одложување на брегзит по 31 октомври. Сепак, шефот на британската влада е обврзан со закон да побара одложување доколку не е постигнат договор до 19 октомври.
Како дел од неговите разговори со лидерите во текот на викендот, Џонсон му пренел на Макрон дека верува оти е можно постигнување договор, но оти ЕУ мора соодветно да одговори на компромисите од британската страна.
– Британија даде голема, важна понуда, но време е и Еврокомисијата да покаже расположение за компромис. Во спротивно, Британија ќе замине без договор – порача висок претставник на британската влада.
Коментарите следуваат пред неколкуте клучни денови за преговарање, при што и двете страни се обидуваат да најдат нов договор навреме пред самитот на европските лидери на 17 и 18 октомври, пренесува Би-би-си.