Двата терористички напади во изминатите две недели им дадоа простор за маневри на десничарите, но францускиот претседател брзо реагираше

Авторка: Анија Нусбаум

Блумберг

Кога џихадист уби три лица во црква на францускиот Азурен брег, ултрадесничарската лидерка Марин Ле Пен повика странците осомничени за екстремизам да бидат депортирани и да се воведе забрана за групи кои поддржуваат радикалната идеологија. Пред таа да забележи личен политички успех, Емануел Макрон успеа да ја засени. Веднаш по нападите од минатата недела, Ле Пен сакаше да прогласи воена состојба, но и тоа падна во вода. Уште во март, францускиот претседател се повика на војна кога апелираше до нацијата да се бори против коронавирусот. Сега, тој го крена алармот за тероризам на највисоко ниво во Франција и зборува за „егзистенцијална битка“ за начинот на живот на земјата.

Осумнаесет месеци пред претседателските избори, повторното појавување на проблемот на Франција со радикалниот ислам типично ќе ѝ остави простор за маневри на Ле Пен, антидоселеничката лидерка на партијата Национален собир, затоа што таа сака да му се реваншира на големиот ривал Макрон. Помошниците на Макрон сметаат дека таа претставува сериозна закана, а една неодамнешна анкета покажува дека се зголемува француската поддршка за личности кои се против естаблишментот. Неговите советници велат дека претседателот не зборува за стандардните прашања како што се безбедноста и односот на Франција кон исламот за да ги придобие нејзините гласачи, туку за решавање на вистинските проблеми во француското општество. Сепак, тие признаа дека е важно да не ѝ ги препушти неа тие теми.

– Макрон треба да покаже дека работи на безбедносните прашања и не го остава ова поле на крајната десница – порача Хаус Сенигер, професор на политичкиот институт во Лион.

Макрон досега не беше во можност да го исцели длабоко поделеното и незадоволното општество што го наследи. Тој се бореше со своите планови за зголемување на данокот на гориво што доведе до појава на движењето „жолти елеци“ кое долго време протестираше на улиците. Неговата партија не помина добро на општинските избори во јуни, не успевајќи самостојно да освои еден единствен голем град и беше тешко да ја одржи таа првична популарност меѓу левичарските групи. Кога станува збор за изборите, стратегијата за пристап до некои од незадоволните граѓани има смисла, но многумина се прашуваат по која цена за француската република.

Веќе некое време е очигледно дека Макрон им се додворува на гласачите од десниот политички спектар. Кога Макрон ги откри своите предлози за борба против радикалниот ислам на 2 октомври, либералниот центристички спектар будно ја следеше состојбата. Тој зборуваше за контролирање на имамите и го опиша исламот како религија во криза, но сепак ја призна улогата на колонијализмот и рече дека муслиманските граѓани биле разочарани од последователните француски влади. Тој вети дека ќе ги подобри можностите на оние што живеат во посиромашни услови. Говорот генерално беше добро прифатен од умерените муслимански водачи.

Во саботата, Макрон изјави за телевизијата „Ал-џезира“ дека никогаш не се обидел да ги стигматизира муслиманите и посочи дека не ги одобрувал карикатурите на пророкот Мухамед објавени во „Шарли Ебдо“, иако го бранеше правото на сатиричното списание за тоа. Ова е неговиот став уште пред да се случи грозоморниот чин од обезглавувањето на наставникот на 16 октомври, кој им покажуваше карикатури на учениците за време на дискусијата за слободата на говорот, поради што беа поттикнати антифранцуските протести во некои муслимански земји. Иако интервјуто беше јасен обид за помирување, сепак тој исто така не сакаше да покаже слабост пред јавноста.

Генерално, тонот на Макрон зајакна по морничавото убиство и бранот ужас и страв што ја зафати Франција. Неговата вистинска цел е да усвои поуверлив јазик од оној на неговите традиционални центристичко-десничарски републикански противници, според Жан-Ив Ками, кој пишува за крајната десница во Франција. Критичарите на промената кај Макрон велат дека клучната разлика во политиката со Ле Пен сега е во врска со ЕУ, која таа сака да ја претвори во сојуз на суверени нации наместо во политичка унија. Некои луѓе блиски до Макрон велат дека не им се допаѓа оддалечувањето на неговата партија од центарот. Исто така постои опасност Макрон да ги озакони најтешките ставови на десничарската политика без да го слушне мислењето на гласачите.

Превод: Билјана Здравковска