Пред две години, во Франција се појави движењето на „жолтите елеци“ предизвикано од зголемувањето на цените на горивата. Повеќе од една година демонстрантите одржуваа масовни протести и блокади и доминираа во политичките дебати. Сега, новите предизвици во земјата го пренасочија вниманието на демонстрантите, а од сето тоа, Макрон излегува како „случаен победник“, пренесува „Политико“.
Францускиот гнев, една година подоцна, како да стивна. Движењето, кое беше инфилтрирано од екстремисти, го продолжуваат токму тие кои постојано имаат за нешто да протестираат. Новите кризи и предизвици ставија крај на причините за гнев кај мнозинство од членовите на движењето.
– Живеам во рурална Нормандија, едно од оригиналните жаришта на „жолтите елеци“, и стапив во контакт со некои од оригиналните поддржувачи на движењето – вели Џон Личфилд, поранешен уредник на „Индипендент“.
Тој објаснува дека протестите беа израз на расколот помеѓу руралната, или „приградската Франција“ и „Франција на големите метрополи“. Демонстрантите беа незадоволни и со чувство на загрозен идентитет, што беше оправдано, смета Личфилд.
Но, додека демонстрантите не се согласуваа за тоа што не е во ред во земјата, тие се согласија кого заеднички да обвинат. Тоа беше Макрон, кој за нив беше арогантен, далечен и без чувства, производ на елитните училишта на француската елита. Тој изгледаше како попуслив млад човек кој се прави дека знае сѐ. Но, сега, две години подоцна, се чини дека тој гнев против Макрон го нема, или барем дека изгуби дел од својата сила.
– Го сменив мислењето за Макрон. Мислам дека и тој е променет. Сега зборува поинаку и е поскромен. Иако тој направи погрешни работи во минатото, стори и многу за луѓето за време на епидемијата. Кога стана претседател, тој се однесуваше како да знае сè. Сега, со ковид-кризата, мораше да признае дека направил грешки. Мислам дека тоа го приближи до луѓето – изјави Анриет, сосетка на Личфилд и една од првите поддржувачи на „жолтите елеци“, која е во нејзините 70-ти години.
Во изминативе денови, Макрон има зголемена поддршка во анкетите за јавното мислење, а вториот карантин и двата терористички напада минатиот месец создадоа одредено чувство на национално единство.
Промената на мислењето на Анриет е одраз на пошироката промена кај луѓето кои го поддржуваа или сочувствуваат со движењето на „жолтите елеци“. Тие сега сметаат дека имаат помалку причини за недоверба кон претседателот, кој се справил со кризите и проблемите, но и почнал да ги слуша гласовите на граѓаните. Ваквата промена Личфилд ја нарекол „Ефект на Анриет“.
Друг сосед, Мишел, кој има 84 години, исто така вели дека сега гледа со поголема наклонетост кон Макрон, иако самиот тој е поддржувач на крајната десница.
– Секогаш се чинеше како тој да зборува самиот со себе и за неговите другари во банките. Сега, конечно, Макрон зборува со нас. Сепак, не гледам надеж за негово повторно гласање, со сите овие смртни случаи и загуби на работнните места предизвикани од пандемијата – смета Мишел.
Поддршката на Макрон се зголеми на 49 отсто. Кај испитаниците над 65 години, зголемувањето на поддршката е особено забележителна. Таквите бројки, кои се многу високи за еден француски претседател во втората половина на неговиот мандат, нема да траат. Дури и со вакцина, Франција се соочува со тежок почеток на 2021 година и со огромни загуби на работни места.
А сепак, Французите, а особено оние во постари години, сакаат кога нивните политичари ги следат неволји, па дури и неуспеси. Сега, додека Макрон се бори да се справи со голем број тешки кризи, и тоа истовремено и одеднаш, за некои стана фигура околу која сакаат да се приближат, па дури и да ѝ се восхитуваат. Но и покрај тоа, многумина сметаат дека неговите шанси за победа во 2022 година се мали.
Макрон беше изгласан во 2017 година. За да добие втор мандат, тој ќе мора повторно да мобилизира барем дел од тоа гласачко тело, но исто така ќе мора да се приближи малку повеќе до неговиот нов клуб на обожаватели составен од постари и рурални гласачи, и да најде начин да го продолжи кај нив „ефектот на Анриет“, смета Личфилд.